Младата репрезентација на Јужна Кореја во второтo коло на Светското првенство во Египет имаше многу подобро издание од премиерното против Словенија, но уште еднаш беше поразена. Белорусија беше поуспешна и славеше победа од 32:24.
Белорусите не влегоа максимално во натпреварот, се играше израмнето на почетокот, а Кореја имаше минимална предност до резултат 5:4. Следуваше серија на Белорусија со која го преземаа водството, поведоа 7:5 и 10:6.
Кореја добро се држеше, постигна неколку брзи гола и голманот Ли сопре неколку удари што им овозможи да бидат во игра во текот на првиот дел. Во завршницата Белорусија сепак успеа да стигне до највисоката предност од шест, а така беше и на полувремето кога водеа 15:9.
Во продолжението Белорусија играше рутински, без многу напор и без многу проблеми ја одржуваше предноста. Најчесто беше од шест до осум разлика што беше доволно за искусниот тим на Јуриј Шевцов лесно да стигне до планираните бодови.
Микита Ваилупов беше прв стрелец во составот на Белорусија со осум гола, додека Каралек постигна шест а Кулак беше прецизен петпати. Во репрезентацијата на Кореја најмногу се истакна Јинјаг Ким со осум гола, а Јинхо Ким погоди четирипати.