Машката репрезентација на Македонија имаше старт со пораз на Светското првенство во Египет од Шведска, но тој пораз би требало веќе да е архивиран и избраниците на Данило Брестовац да се обидат да дојдат до позитивен резултат во второто коло.
Ривал ни е селекцијата на Египет, која имаше лесна задача во првиот натпревар и славеше убедливо против Чиле. Селекторот на „фараоните“, Роберто Гарсија Парондо, добро ги познава сите наши ракометари, со оглед на тоа дека работеше и во нациоанлниот тим, па тоа е уште еден плус за Египет пред натпреварот.
Сигурно е дека нашите репрезентативци нема однапред да се предадат и да фрлат се на една карта – двобој за следна фаза против Чиле. Имаше многу критики од македонската јавност кон ракометарите, но тие треба да ги преточат во инает, во уште поголема желба за победа и докажување.
Селекторот Брестовац можеби ќе смени нешто во бековската линија, можеби ќе им даде шанса на Крстевски, Младеновиќ или Серафимов, а во конкуренција останува и голманот Никола Даниловски. Во египетскиот состав би требало да се врати капитенот Ахмед Ел Ахмар, кој не играше против Чиле.
Традицијата е на страната на Египет, кој славеше на меѓусебниот двобој на СП во 1999 година со 30-24, а славеше и на Медитеранските игри во Тарагона во 2018 година со 34-29. Денешниот натпревар во Каиро започнува од 18:00 часот, а ќе го судат сестрите Бонавентура од Франција.