Во првото коло од Светското првенство во Египет екипите кои се помеѓу главните кандидати за медали го одиграа дербито, на крајот Франција ја совлада Норвешка со 28:24.
Квалитетот на сликата за време на натпреварот особено во првото полувреме беше променлив од премногу светло до премногу темно, а новинарите и гледачите од Норвешка беа видно револтирани.
„Жалиме што квалитетот на сликата на овој натпревар не одговара на нивото на Светско првенство. Но најмногу што можеме да сториме е да го пренесуваме сигналот кој ни пристигнува од Египет. Веќе ги контактиравме колегите во Египет и очекуваме квалитетот на преносот значително да се зголеми“, рече Кристијан Ома менаџер на спорскиот канал „ВГ“.
Освен одговорните од телевизијата, исто така и новинарите имаа свои забелешки и се сложија дека преносот од Египет не е на највисоко ниво како што доликува на Светско првенство, па дури и го споредија со првите снимки од месечината.
„Квалитетот на сликата од Египет е многу сличен на деновите кога дебитирав како ракометен коментатор. Тоа беше на првенството во Турција во 1996 година. Само што тогаш сликата се смени од во боја во црно бела, а сега од премногу светла до „затемнување на Сонцето“, коментираше ТВ коментаторот Харлд Бредли.
Исто така и новинарот Мортен Стенбег даде свое видување и компарација за преносот на натпреварот на својата репрезентација и за фотографиите од Египет.
„Зошто се одржува Светското првенство во Египет? Зошто беше дозволено ова? Сликите од слетувањето на Месечината во 90-тите години од минатиот век беа со подобар квалитет“, рече Стенбег.