Иако пред стартот на Светското првенство, ракометните стручњаци предвидуваа слабо издание на Франција, сепак беа демантирани уште во првото коло. Француските репрезентативци ја победија Норвешка, која беше фаворизирана пред овој дуел со 24-28.
По почетните 1-1, со головите на Мае, Франција се одлепи на 1-4, но на скандинавскиот претставник не му требаше многу време да се врати во игра и израмни на 6-6.
До крајот на првото полувреме најчесто се играше гол за гол, иако навидум Франција ја имаше контролата на теренот. На пауза се замина со резултат 13-13.
На стартот на второто полувреме, преку Деска, Н’гесан и Порт, Франција стигна до водство од плус три, 13-16. Сагосен беше расположен во првиот дел, но сега се разигра Јондал, па Норвешка одново стигна да израмни на 18-18.
На десетина минути до крајот беше 20-22 за ФРанција, па следуваше серија од три голови преку Мае, Н’гесан и Ремили за 20-25. Тука беше ставен крај на дилемите кој ќе слави на оваа средба.
До крајот на мечот Норвежаните само успеаја да намалат на конечни 24-28. Најдобри стрелци во француската репрезентација беа Мае со девет, како и Ремили, Н’гесан и Деска со по четири, додека кај Норвежаните малку беа десет гола на Сагосен.