Речиси 22 години поминаа од претходното Светско првенство во Египет кое тогаш се одржуваше во јуни, а толку време помина и од последната круна на Светските првенства за денешниот противник на Македонија, Шведска. Македонија исто така го памети Египет, по своето деби на Светските првенства.
Една неверојатна селекција која во своите редови имаше неверојатни ракометари од типот на Штефан Ловгрен, Магнус Висландер, Томас Свенсон, Штафан Ослон, актуелниот селектор на Словенија, Љубомир Врањеш…
Во групната фаза Швеѓаните имаа само едно реми против СР Југославија. Забележаа четири победи против Јужна Кореја, Кина, Австралија и Франција. Потоа осминафиналето имаа доминација.
Прво ја надиграа Норвешка со 33:26, потоа во четврт-финалето и Куба со 33:26. Во полуфиналето одново се сретнаа со Југославија, која во своите редови ги имаше Штербик, Периќ, Шкрбиќ, Милосављевиќ, Каписода, Перуничиќ…а тие беа предводени од Зоран Живковиќ. Тоа беше одличен дуел одлучен со само еден гол. Швеѓаните победија со 23:22.
Во финалето исто така беше тешко бидејќи еден гол одлучи и против Русија. Швеѓаните победија со 25:24 и дојдоа до четвртата титула на Светските првенства. Оттогаш успеаја само уште еднаш да бидат на пиедесталот на Мундијалите и тоа во 2001 година кога го освоија сребрениот медал.
Македонија во Египет го имаше својот прв настап на Светските првенства и го освои 18. место во конкуренција на 24 учесници. Македонија на тоа првенство ја совлада Саудиска Арабија со 28:21, а пота претрпе порази од Германија (25:36), Куба (18:32), Бразил (27:30) и Египет (24:30).
На тоа првенство Македонија беше во состав: Манасков, Лазаров, Алушовски, Зарков, Марковски, Јовиќ, Петрески, Николиќ, Мандиќ, Андоноски, Поповски, Ходик, Чурлевски, Ангеловски, Петковски и Брестовац. Селектор на репрезентацијата беше Стевче Стефановски.