Македонските ракометари вечерва, 20:30 часот, против Шведска го започнуваат настапот на Светското првенство во Египет.
Повикот за настап на Мундијалот стигна во последен момент и времето за подготовки и анализи на првиот ривал е кусо, но репрезентативците се подготвени за предизвикот.
„Факт е дека не се подготвувавме конкретно за СП, не анализиравме противници и не подготвувавме тактика за нив. За првиот натпревар со Шведска, имаме само неколку часа за подготовки (играчки и тактички), но и за да се адаптираме во Каиро. Знаеме дека Шведска има многу ковид-позитивни играчи и нема да биде комплетна, но далеку од тоа дека е слаб ривал. Тие имаат многу квалитетни ракометари и може лесно да бираат. Ние имаме неколку млади играчи, неколку дебитанти на СП, но и во А националниот тим, со многу помалку искусни играчи во однос на претходно. Секоја победа ќе ни значи многу, секој добар натпревар ќе значи многу, но не се сомневам дека ќе одиграме борбено и машки и ќе се бориме со сè што имаме“, оптимист е репрезентативниот голман Никола Митревски.