Чешката репрезентација по 17 позитивни случаи на коронавирус мораше да повлече потег и да се откаже од Мундијалот во Египет.
Иако се обидуваа од петни жили, сепак не можеа да создадат конкурентен тим за пат на СП и на крајот решија дека најдобро ќе биде да се откажат.
На нивно место во Египет патува Македонија. Еден од чешките селектори, Јан Филип вели дека залудни биле сите напори за стабилизација.
„Сфативме дека не можеме да видиме светло на крајот на тунелот. Нашите подготовки беа невообичаени, дел од ракометарите кои првично не беа заразени и тренираа, почнаа да се жалат на симптоми, па иако до последен момент бевме оптимисти, моравме реално да гледаме на ситуацијата. Ова навистина многу боли, тажни сме. Мислевме дека ќе се стабилизираме, стручниот штаб беше во подобра состојба, ни се приклучија неколку млади ракометари, но на крајот не успеавме“, изјави еден од селекторите, Јан Филип.
Македонија ќе биде дел од групата Г, заедно со домаќинот Египет, Чиле и Шведска.