Покрај традиционалните златни медали победникот на Светското првенство задолжително добива пехар. Низ историјата на Мундијалите пехарот повеќепати го има променето својот изглед. Трофејот кој ќе биде доделен на последниот ден од месец јануари во Каиро, a беше создаден по инспирација од Египќанец односно поранешниот капитен на репрезентацијата.
До неодамна пехарот за победникот беше бронзена фигура на ракометар, но сега трофејот има нов изглед. Во изминатите години организаторите покажаа креативност при доделување на пехарот додавајќи дополнителна награда за победникот. Таков пример беше првенството во Египет во 1999 година кога Швеѓаните добија пехар во форма на маскотата на првенството.
На турнирот одржан во Катар во 2015 година на светот не само што му беше презентиран новиот пехар туку и новото скапоцено уметеничко дело. Креаторот Рене Ваш кој има египетски корени бил инспириран од огромните рацете на поранешниот капитен на Египет. Пехарот е висок 50 сантиметри и тежок околу 20 килограми, а вреди скоро еден милион евра. Катарците добро ги испразнија џебовите за пехарот на кој нема само злато туку и сафири со кои е обложена топката. За разлика од оваа скапоценост претходниот пехар од бронза не вредеше повеќе од 20 илјади евра.
Пехарот има идентична копија која се користи за сите настани и презентации, а потврда на тоа е и првото прикажување во јавноста кога детенце без поголеми проблеми го предаде пехарот на емирот од Катар. Додека кога оригиналот беше доделен после финалето на Французите тие имаа проблеми со држење на трофејот кој мораа со две раце да го контролираат.
Скапоцениот пехар вообичаено се чува во сеф во банка и за сите настани и презентации се користи неговата идентична копија додека оригиналниот пехар се доделува на победникот само на церемонијата за шампион после финалето. За неговата безбедност е задолжена компанијата која го изработи пред шест години. Победникот на Светското првенство во Египет дома ќе си замине не само со пехар туку со трофеј кој вреди вистинско богатство.