Откако Чешка го откажа своето учество на Светското првенстсво во Египет, Македонија како прва резервна репрезентација доби шанса за настап на ново големо натпреварување.
Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов со официјално писмо го порврди учеството и се заблагодари на претседателот на ИХФ, Хасан Мустафа за официјалната покана за настап на Мундијалот.
„Во мое име и во име на Ракометната федерација на Македонија, би сакал да ви се заблагодарам за официјалната покана на нашиот национален тим за настап на ракометниот спектакл во Египет. Репрезентацијата на Македонија е целосно подготвена за настап на Светското првенство 2021 година. Би сакал да се заблагодарам за поддршката на Светската ракометна федерација во нашата мисија, ракометот да биде спорт број 1 во нашата земја“, напиша Мукаетов.
Репрезентациајта на Македонија на Светското првенство во Египет ќе настапи во група со домаќинот Египет, Шведска и Чиле со кој во подготвителниот период одигра две контролни натпревари.