Две групи од прелиминарната рунда на Светското првенство во Египет имаат по три европски репрезентации, една од нив е групата Е. Во групата се моќните Франција и Норвешка, а тука е и Австрија кој може да изненади. Една од најинтересните групи ја комплетира репрезетанцијата на Соединетите Американски Држави кои се враќаат на првенствата после 20 години.
Норвешка доминира во женскиот ракомет, но исто така и машката репрезентација направи огромен чекор напред со освојување на сребрениот медал на последните две светски првенства. Првиот натпревар од групата Е ќе биде реприза од финалето на Светското првенство во 2017 година кога Франција славеше 33:26 против Норвешка и го освои златниот медал. На тој Мундијал Норвешка имаше два порази и двата беа од „триколорите“, за разлика од финалето на мечот од групната фаза беше понеизвесно и Франција победи со 31:28.
Франција победи на последните пет дуели против Норвешка на светските првенства но Норвежаните се одмаздија за овие порази на ЕУРО 2020 кога во групната фаза триумфираа со 28:26. Со оглед на тоа што Франција не игра во најдобра форма, а им недостасува и првата ѕвезда Никола Карабатиќ заради повреда, Норвешка би можела да стигне до првата победа на Мундијалите против Французите уште од 1961 година.
Искуството и квалитетот на Франција и Норвешка се огромни, нивната историја е долга повеќе од 60 години на првенствата што ги прави фаворити во групата Е. Сепак треба да се обрне внимание на третата европска репрезентација во групата, а тоа е Австрија.
Австрија е мешавина од млади играчи кои во иднина треба да се докажуваат и квалитетни искусни ракометари на клучните позиции. Австрија на Светското првенство во 2019 година имаше многу слаб настап, заврши на 19. место со само една победа во групната фаза против Саудиска Арабија. Пред две години Австрија и Норвешка играа во групната фаза на Светското првенство, а Норвежаните победија со 34:24 предводени од Сандер Сагосен кој беше незапирлив со осум погодоци. Австрија и против Франција има негативен биланс, на девет натпревари има само една победа и осум порази вклучувајќи го последниот на ЕУРО 2020 од 26:33.
На трите европски репрезентации друштво во групата Е ќе им прави репрезентацијата на САД која се враќа на сцентата после пауза од 20 години. Бидејќи пандемијата на Ковид-19 спречи да се одржи квалификацискиот турнир, Советот на ИХФ одлучи САД да добијат место на турнирот во Египет. Соединетите држави досега немаат играно против Франција, а имаат порази од Норвешка 15:41 и Австрија 19:31. Сепак натпреварите против овие европски тимови за САД ќе бидат од големо значење и искуство што ќе им послужат како подготовка за настапот на Олимписките игри во 2028 година кога ќе бидат домаќини.
Од 1993 година кога го освоија првиот медал Французите постојано се во врвот на светскиот ракомет. На последното Светско првенство завршија на третата позиција, а досега имаат освоено шест златни медали од кои последен во 2017 година кога беа домаќини. На овој Мундијал обезбедија учество откако беше откажан бараж дуелот против Македонија. Клучни играчи на репрезентацијата на Франција се Мелвин Ричардсон, Дика Мем и Лудовик Фабрегас.
Подемот на машкиот ракомет во Норвешка со право им дава надеж на Норвежаните да се надеваат на највисок пласман, дополнително што на последните две првенства се закитија со сребрен медал. Норвешка има 15 настапи на Мундијалите и сè уште чека златен медал. Клучни играчи во тимот се Сандер Сагосен, Харалд Рајнкинд, Кристијан Осаливен и Алекандер Блонц.
Австрија ќе го има својот седми настап на Светските првенства на претстојното во Египет. Најдобар пласман Австријците забележаа на првото одржано кога учествуваа само четири репрезентации кога беа втори. На останатите Мундијали имаат само епизодна улога. Клучни играчи се голманот Томас Бауер, ветеранот Роберт Вебер кој игра на десно крило и Себастијан Фримел на лево крило. Во тимот на Алеш Пајовиќ нема да бидат повредените Никола Билик и Јанко Божовиќ, што ќе биде голем хендикеп.
Учеството на САД на Мундијалот може да придонесе Американците да сфатат колку интересен спорт е ракометот. Досега САД има шест настапи на Светските првенства без некој забележителен успех и без ниту една победа. Клучни играчи во тимот се Ендрју Долин (пикер), Јан Хатер (среден бек), Домагој Сршен (пикер), Абубакар Фофана (лев бек) и Рене Инграм (голман).