Ја завршува кариерата на 24 години за да работи во интернационална компанија

Пикерот на унгарската екипа Егер, Словакот Габриел Пап донесе неочекувана одлука, многу рано да стави крај на професионалната ракометна кариера.

Соиграчот на Јане Цветковски во изминатата сезона, ќе оди во ракометна пензија на само 24 години. Еден од главните играчи во одбраната на Егер во иднина ќе се посвети на работа во интернационална компанија.

„Играв ракомет на високо ниво седум години. Но, сега сакам да направам промени во животот. Завршувањето на професионална кариера е најдобрата одлука за мене. Сакам да ги завршам студиите и веќе знам дека ќе работам во меѓународна компанија во Братислава “, рече Габриел Пап за официјалната веб-страница на Егер.

Претходно во кариерата Пап има настапувано и во екипата на ПИК Сегед со која играше во Лигата на шампионите во сезоната 2014/15. Потоа од Сегед се пресели во својата земја каде што играше за екипата Спорта Хлоховец, а една сезона помина и во Третата лига во Германија.