Хрватскиот интернационалец кој го брани голот на полскиот клуб Висла Плоцк, Иван Стевановиќ најави крај на неговата кариера. Голманот ќе прекине со активно играње по крајот на сезоната 2020/21.
За време на пандемијата на коронавирус Висла Плоцк преку својот Твитер профил прави интервјуа со своите ракоемтари, а во таков еден разговор Иван Стевановиќ најави дека следната сезона е негова последна меѓу стативите.
„Не се чувствувам добро после сите повреди што ги имав последниве години. Тренирам нормално но станува сè потешко. Подготвителниот дел од сезоната за мене е најтешкиот, а натпреварите не ми претставуваат толку голем проблем. Наскоро ќе наполнам 39 години и вистинско време е да престанам со активно играње“, рече Иван Стевановиќ.
Како што најави голманот по завршувањето на кариерата најверојатно ќе се врати во својата татковина, пред се заради неговиот син кој сака да оди на училиште во Хрватска.
Стевановиќ, кој е најстариот дебитант во репрезентацијата на Хрватска на големо натпреварување (2016 година на ЕП во Полска со 35 години), одигра 68 натпревари за националниот тим во периодот до 2007 до 2019 година, а се закити со бронзен медал на ЕП во Полска.