Тренерот на Вардар, Едуард Кокшаров и понатаму се соочува со проблеми околу составот со кој ќе може да настапи на дуелот против Веспрем бидејќи и понатаму има повредени играчи на кои не може да смета.
„Имаме проблеми и понатаму. Нема смисол постојано да зборуваме за тоа дека не сме комплетни. Мислам дека оние што се подготвени за игра ќе го покажат најдоброто. Очекувам да го покажат најдоброто од себе и пред наша публика да обезбедиме добар резултат“, рече Кокшаров.
На овој дуел ќе го нема и Кристијан Дисингер кој повредата мораше да ја санира со операција. Тоа само ги влошува проблемите бидејќи нема да може да смета на играч кој е максимално важен особено во одбраната.
„Натпреварот трае 60 минути, а ние имаме само по еден играч по позиција кој може да игра во одбрана. Ние кога ќе почнеме да правиме некоја ротација ние имаме проблеми. Дисингер и Кристопанс ни испаднаа од игра и не можеме да создадеме 6-0 одбрана. Голманите не се во форма. Можеме да измислиме друга одбрана која има повеќе прекршоци и прекини за помалку шутеви на гол. Тоа не може да се случи преку ноќ. Не можеме да ставиме во одбрана играчи кои не играле во одбрана на таа позиција. Играчите играат максимално и даваат сè од себе. Кога имаш плус 200 во минута не можеш да размислуваш добро за време на натпреварот. После мечот е друго. Ние имаме една две ротации и обид да направиме нешто“, изјави тренерот на вардарци.
Натреварот против Веспрем се игра в недела од 17 часот во СЦ „Јане Сандански“, а се очекува да биде одигран пред полни трибините бидејќи билетите се распродадени.