Во рамките од 8. коло од Првата лига, Јуниор КВ оствари лесна победа на гостувањето во Штип против екипата на Текстилец со резултат 30:19. Во ниту еден момент од натпреварот победата на Јуниор КВ не беше загрозена.
Ракометарите на Јуниор КВ без многу проблеми доминираа во текот на првите 30. минути. Предводени од Печенковски и Ристовски, гостинските ракометари од Кисела Вода имаа солидно водство од 8:4 по петнаесетина минути игра. Водството на гостинската екипа се зголемуваше од минута во минута. Со четири гола во низа, Јуниор КВ се одлепи на високи осум гола разлика, 13:5. До крајот на првиот дел, избраниците на Игор Котевски не дозволија лесни голови во нивната мрежа и на полувреме заминаа со предност од 16:9.
Во вториот дел со головите на Ристовски и Николовски, Јуниор КВ зголеми на 19:11. Текстилец никако не можеше да парира на поискусната екипа која во голем процент ги користеше нејзините грешки. Ракометарите на Павле Тодоров за момент ја намалија негативата на минус седум, 14:21, откако претходно губеа и со девет разлика, но составот на Јуниор КВ успешно го контролираше резултатот до самиот крај.
Најефикасен во победничката екипа беше Горан Печенковски со осум гола. Кај Текстилец како најефикасни се истакнаа Филип Хаџи Николов и Александар Димитров со по четири постигнати гола. Јуниор КВ со денешната победа останува во борба за првата позиција на табелата во Групата Б.