Јехона го победи Борец со гол во последната секунда на меч со 16 исклучувања и четири црвени картони

Ракометарите на Јехона со победа го завршуваат регуларниот дел од групата А во Првата лига откако во 16. коло на домашен терен во неизвесна завршница го совладаа тимот на Борец со 30:29, и со многу исклучувања и црвени картони. Дури три директни црвени картони беа покажани за гостинските играчи, и еден црвен картон поради три исклучувања кај дамашниот тим.

Михајло Живковски со гол во последните секунди донесе радост за Јехона, откако претходно Јован Атанасовски даде три гола во последната минута, а потоа и доби диркетен црвен картон. Судиите Наум Танески и Пеце Стефановски имаа многу работа на натпреварот во санкционирање на грубите стартови.

Натпреварот го одбележаа голем број исклучувања, вкупно 16 (девет кај домаќините и седум кај гостите) и четири црвени картони од кои еден беше за играчите на Јехона, Александар Налетовски додека тројца ракометари од Борец беа исклучени, Атанасовски, Ристевски и Лазаревски, и сите добија директни црвени картони.

Во почетните минути се играше израмнето се до средината на првото полувреме кога Јехона имаше добар период и поведе со 12:6. До крај на првиот дел продолжи доминацијата на домаќините и на полувреме имаа високи 17:9.

Иако се чинеше дека домашниот тим има целосна контрола и лесно ќе стигне до победата не беше така. Борец во продолжението полека ја топеше негативата и мечот влезе во неизвесна завршница. Гостите во последните минути играа пресинг што им овозможи да израмнат, но Живкоски со гол во последните моменти од дуелот донесе триумф на Јехона.

Јехона со оваа победа го потврди петото место во групата А и пласманот во плеј-офот. Најефикасен во победата на домашниот тим беше Бојан Марковски со шест гола, додека пет постигна Селмани. Во тимот на Борец по пет гола постигнаа Минов, Стојанов и Атанасовски.