Јагањац за 24Ракомет: Македонците се борат до крај, никој не смее да ги потцени

Хрватската селекција вечерва го започнува настапот на Светското првенство, а прв ривал на избраниците на Лино Червар ќе биде Јапонија.

Екс членот на Металург и сегашен ракометарн на Нексе, Халил Јагањац, смета дека успех на неговата репрезентација би било играње во полуфиналето и место меѓу петте најдобри репрезентации во светот.

„Амбициите на Хрватска се пласман во најдобрите пет репрезентации и место во полуфиналето и тоа за нас би било голем успех. Сите противници во групата се незгодни. Со сите репрезентации треба да играме внимателни и да дадеме 100% од силата, ако сакаме да ги победиме. Најсилна репрезентација во нашата група е Катар. Добро е атмосферата во екипата, сите сме како едно семејство и најважно сите до сега сме негативни на ковид 19“, вели Јагањац за 24Ракомет.

Тој мина година и пол во Македонија и со интерес ќе ги следи нашите настапи на Мундијалот. Поранешниот лев бек на Металург во нашата селекција гледа перспектива и добра иднина.

„Македонија што и да направи на ова првенство мислам дека ќе биде добра репрезентација во иднина. Се приклучија последни на местото на Чешка и ќе играат без никаков притисок и многу опуштено. Има голем број на млади ракометари и во екипата има перспектива. На сите млади ракометари ова првенство ќе им биде големо искуство и многу корисно. И покрај поразот од Шведска, доколку некој ги потцени тие можат да изненадат и ќе се борат до крај со секоја репрезентација“, вели Јагањац.

Покрај Јапонија, Хрватите ќе се соочат со Катар и Ангола, додека Македонија во второто коло за ривал ќе го има домаќинот Египет.