Екипата на Преспа предводена од Филип Шиклевски и Били Мишевски ја запиша првата победа во плеј-аут фазата во прволигашката конкуренција, откако на свој терен славеше против Јехона со 29:24.
Почетокот им припадна на гостите, кои подобро се снајдоа и во неколку наврати имаа минимално водство. По водството на Јехона од 5:4, домаќините направија серија од 4:0 и го свртија резултатот во своја корист, поведоа со 8:5.
Токму пресвртот на домашната екипа беше причина тимот на Селмани да влезе во криза. На секој постигнат гол на Јехона, ракометарите на Преспа возвраќаа со два гола во низа. По 30 минути игра, резултатот беше 12:8 за домашниот табор.
Преспа во првите минути од второто полувреме зголеми на 15:10 и продолжи со доброто темпо во останатиот дел од натпреварот. Јехона поради кратката клупа, во Ресен пристигна со само 12 ракометари, не можеше да направи нешто повеќе, но успеа барем да се избори за поблаг пораз.
Најефикасни во победничката екипа со по осум погодоци беа Филип Шиклевски и Били Мишевски. Прв стрелец во Јехона беше Мојсие Тасески со шест погодоци, пет додаде Виктор Марковиќ, додека четири погодоци беа дело на Филип Илиески и Новица Михајловски.