Шведска броеше до 55, Франција рутински ја среди Полска

Репрезентацијата на Франција по максималниот биланс во првата фаза, продолжи со одличната игра и во својот прв натпревар од главната фаза оствари убедлива победа против Полска со резултат 26:16.

Франција во текот на целиот натпревар имаше контрола на играта и во ниту еден момент не дозволи опуштеност, која евентуална би донела поголема понеизвесност. Французинките на полувреме имаа предност од плус пет гола разлика, 14:9.

Полска не го издржа силниот налет на противникот и за само неколку минути игра во второто полувреме потполно крена раце од дуелот. Искусните ракометарки на Франција во 50. минута имаа предност од 23:14 и последните десет минути беа одработени рутински.

Шведска во првиот натпревар од главната фаза имаше лесна задача против Казахстан, триумфираше со убедливи 55:20. Ракометарките на Казахстан беа рамноправен противник во првите минути кога имаа минимална предност од 2:0 и 3:1. На Шведска малку и требаше време за да влезе во ритам, па така со серија од 7:0 замина на сигурна предност од 9:3.

Во останатиот дел од натпреварот од минута во минута се зголемуваше позитивната разлика за Швеѓанките, кои на полувреме заминаа со плус 11, 21:10. Во второто полувреме, Шведска имаше рутинска контрола на самиот резултат и сосема очекувано ги освои двата бода.