Шампион ја надигра Јехона и се вкучи во борбата за плеј-оф!

Ракометарите на Шампион пред својата публика славеа против составот на Јехона, со резултат 31:28, во натпревар од 14. коло од Првата лига. На првиот меѓусебен дуел сезонава триумфираше Јехона со два гола разлика, 29:27.

Екипата на Јехона со денешниот пораз остана на 15 бода, ист број на бодови имаат и екипите на Овче Поле и Текстилец, додека Шампион со новата победа стигна до 12 бода и се вклучи во трката за 4. позиција на табелата, на која моментално се наоѓа тимот на Кичево со 19 бода.

До крајот на сезоната ќе се одиграат уште четири кола, па така неизвесно ќе биде која од споменатите екипи би можела да обезбеди евентуален влез во плеј-оф фазата од прволигашката конкуренција.

Првото полувреме мина во израмнета борба, во која двете екипи имаа свои моменти и наизменично се менуваа во водство. Ниту една од двете екипи не можеше да се одлепи на поголема разлика од еден гол, а екипата на Шампион беше првиот тим кој направи исчекор и пред финишот на првиот дел поведе со плус два, 12:10. Јехона со погодоците на Марковиќ и Димитриески направи серија од 3:0 и на пауза замина со активен резултат од 13:12.

Во вториот дел, односно до 40 минута резултатот најчесто беше нерешен. Во последните дваесетина минути домаќините со подобрата игра стигнаа до посакуваната цел. По нерешените 18:18, Шампион направи голем исчекор, постигна четири гола во низа, се одлепи на 22:18 и го водеше натпреварот до сигурна победа. Сите обиди на гостите од Гостивар за камбек завршуваа без успех, па така домаќините го прославија четвртиот триумф во новата натпреварувачка сезона.

Најефикасен во победничката екипа беше Живко Петровски со 12 гола. Кај поразениот табор се истакнаа Адис Салиу со седум и Мојсие Тасески со шест гола.