Чиле е познат ривал, сè освен победа е рамно на нова катастрофа

Сениорската репрезентација на Македонија после двата порази на стартот од Мундијалот се наоѓа во незгодна ситуација односно во позиција во која едноставно мора да ги поправи работите и комплетниот впечаток, а подобар ривал во моментов од Чиле не може да има.

Селекцијата против која имаме пет победи на петте меѓусебни пресметки и две победи од подготвителните средби за овој Мундијал и тоа без Лазаров и Стоилов во составот денеска од 15:30 часот едноставно мора да биде и надиграна и совладана.

Што и да се случуваше досега треба да се заборави и да се одигра паметно и тактички мирно. Она што беше видено во Скопје против Чилеанците исто така треба да се заборави бидејќи со таа игра тешко ќе може до позитивен резултат со оглед на тоа што и тогаш залагањето не беше на ниво.

Пред денешниот дуел селекторот Брестовац најави дека е можно да има одредени измени. Пред да го одржи последниот тренинг не сакаше да каже што би изменил односно кој играч би можел да се најде во составот, но очигледно е дека ќе може да има барем едно ново име во тимот.

Најави и ралични тактички варијанти во одбраната во однос и на она што го играше во Скопје. Исто така сигурно е дека ќе биде различно во однос на првите две средби.

„Рамислувам дали да играме 6-0 или можеби 5-1 што повремено би се трансформирала во 4-2. Дали да излеземе понапред на нивните најопасни играчи, но тоа ќе се одлучи пред натпреварот“, вели Брестовац.

Сепак, треба да се има предвид дека Чиле е далеку поинаков состав во однос на прикажаното во Скопје на две контролни средби. Ангажирањето и посветеноста на теренот е на многу повисоко ниво така што е јасно дека ќе мора да се одработи многу помотивирано и со многу поголема желба.

Ова е ден за одлука и натпревар кој едноставно мора да се добие. Мора да се одработи добро и да се освојат два бода. На Македонија не и останува тактизирање ни со реми бидејќи има полоша гол разлика. Практично ја има втората најлоша гол разлика на првенството и затоа денеска само победа е во опција.

Противникот е добро познат, нема што да се скрие, па затоа сите верувања се дека конечно ќе се види едно издание кое наликува на она што сите се навикнати да го гледаат од Македонија.