Чешка по секоја цена ќе игра на СП – се крои тимот што ќе се качи на авионот за Египет!

Ниедна репрезентација, вклучително и најпогодената од коронавирус – Чешка, нема да се откаже од настап на Мундијалот пред патувањето во Египет, а тоа значи дека Македонија е се подалеку од ново СП.

Според информациите од Чешка, бројката на позитивни случаи на коронавирус се искачи на 17 играчи, но во меѓувреме раководството на федерацијата со преполовениот стручен штаб го крои списокот на патници за Египет.

Летот требаше да биде на 12, но е поместен на 13 јануари, а во авионот ќе се качат во најголем дел млади ракометари, кои настапуваат во чешкиот шампионат и не беа дел од репрезентативните подготовки пред и после Нова Година, плус дел од интернационалците што не беа повикани. Веројатно ИХФ ќе дозволи да биде повикан уште некој играч и надвор од списокот од 35 играчи, за да биде комплетиран тимот.

На 12 јануари завршува карантинот на селекторите Кубеш и Филип, па доколку добијат негативни тестови истиот ден, ќе ја предводат селекцијата во Египет.

Тоа значи дека Египет и Шведска ќе имаат лесна задача против Чешка, а по овие случувања и Чиле влегува во комбинација за место во следната рунда на СП. Македонските репрезентативци полека може да се подготвуваат да ги гледаат мечевите од Мундијалот на ТВ.