Чесите сега не се баш оптимисти – Зошто да се лажеме, играчите веќе мислат дека нема да одат на СП!

Машката репрезентација на Чешка се наоѓа во исклучително тешка ситуација пред настапот на Светското првенство во Египет. Откако годината им започна со веста за позитивните тестови на селекторите Даниел Кубеш и Јан Филип, дополнително ситуацијата беше отежната откако се зарази еден од искусните ракометари.

Чесите во вторникот заминаа за Торшавн каде што требаше да го играат квалификацискиот дуел со Фарски Острови, кој беше одложен откако на тестирањето таму беа потврдени уште осум позитивни случаи во тимот. Веднаш беше одложен и возвратниот дуел во Плзен, а тимот се врати назад во Чешка во текот на вчерашниот ден – во истиот авион патуваа и позитивните случаи и оние што добија негативен тест.

Претходно во Чешка останаа шест ракометари – Мрква, Хрстка, Здрахала, Петровски, Бабак и Чип. Еден од нив беше позитивен, двајца со симптоми, а другите тројца биле нивни цимери.

„Мислам дека ќе се договориме за нов датум за дуелите со Фарски Острови, иако календарот е многу густ“, вели Даниел Чурда, директорот на репрезентацијата за „Деник“.

По враќањето во Чешка, целиот тим повторно беше тестиран и последниот биланс е 16 позитивни слуачи – 12 ракометари и 4 членови на стручниот штаб. Сите сега се изолирани во еднокреветни соби, а раководството веќе размислува кои играчи би ги замениле тие што нема да можат да одат во Египет.

Летот за Каиро е закажан за 12 јануари, Чесите се подготвуваат како да ќе патуваат, но и самите знаат дека тоа ќе биде многу тешко да се реализира, па оптимистичките најави од пред неколку дена, сега не се баш такви.

„Нема да биде лесно без воопшто да тренираме да одиме во Египет, а мислам дека играчите веќе размислуваат дека нема да одат на СП. Ова не е баш идеална подготовка за главниот дел од сезоната, зошто да се лажеме“, изјави Чурда.

Чешка треба да игра на СП против домаќинот Египет, Шведска и Чиле, а Светската ракометна федерација се уште не се изјаснува како и дали ќе се постапува кон некоја репрезентација што има голем број позитивни случаи на коронавирус.