Хрватска со супер финиш, со пресврт стигна до нов триумф над Словачка во Евро Купот

Ракометарите на Хрватска после вчерашната лесна и убедлива победа против Словачка, на денешниот натпревар од Евро купот со многу мака, сепак, успеаја да слават со 26:23.

Во текот на првото полувреме Хрватите имаа постојано водство, највисокото беше од три гола, но Словачка не се предаваше и постојано беше во игра. Во завршните минути Словаците одиграа добар период и го преземаа водството за минимални 13:12 на паузата.

Во ист ритам Словачка продолжи и во вториот дел, кога успешно ја чуваше предноста сè до 50. минута кога Хрватска израмни после подолго време. Следуваше серија од 5:0 на Хрватите која го одлучи победникот на овој дуел.

Најефикасни беа Павловиќ и Луцин со по пет гола, а Гаџа и Кушан постигнаа по два додека Чупиќ погоди еднаш. Во составот на Словачка прв стрелец беше Хрушчак со седум погодоци. Хрватска продолжува максимално во Евро купот со четири победи, а ова беше петти пораз на Словачка во исто толку натпревари.