Храбрата Србија испушти сензација против Франција, Холандија даде 61 гол!

Репрезентацијата на Србија во егал завршница доживеа пораз од Франција со резултат 22:19 во клучниот натпревар за обезбедување место во четвртфиналето на Светското првенство во Шпанија. Со денешниот пораз, Србија останува во игра за третото место во првата група од главната фаза, додека Франција обезбеди пласман меѓу најдобрите осум репрезентации.

Ракометарките на Урош Брегар, иако имаа водство од 2:0 во воведниот дел, Франција за три минути направи пресврт и со серија од 5:0 стигна до предност од 5:2. Франција до првата половина од првиот дел беше репрезентацијата која ја диктираше играта на терен. Србија воспостави добра одбрана, која ги принудуваше Французинките на удари од далечина, но ударите главно завршуваа покрај голот или беа одбранети од страна на Рисовиќ, која за 30 минути забележа девет интервенции. По нерешените 9:9, следуваа три гола во низа за српската репрезентација и резултат од 12:9 на полувреме.

Само две минути беа потребни во второто полувреме за репрезентацијата на Франција да го сврти резултатот во своја полза односно да направи серија од 4:0 за минимално водство од 13:12. Следуваше период во кој Србија имаше подобри организирани напади и водство од 15:14 и 16:15 на неполни дваесетина минути до самиот крај.

Со погодоците на Ловриќ и Радојевиќ, како и одличната Јањушевиќ во одбрана, Србија влезе во егал завршница и минимално водство од 17:16. На шест минути до самиот финиш резултатот беше нерешен, 18:18. По неколку грешки на Србија, Франција од контра напад повторно дојде до водство од 19:18. Во завршните минути Дарле со неколку интервенции го спречи налетот на Србинките и не дозволи да има изненадување.

Лесна победа оствари репрезентацијата на Холандија против Казахстан со рекордни 61:15. Холанѓанките на овој натпревар беа решени да одат до крај и да постигнат 60 погодоци, а на крајот постигнаа еден повеќе. Убедливо најефикасна во репрезентацијата на Холандија беше Бо Ветеринг со 18 погодоци.