Репрезентацијата на Словенија не успеа да направи сензација против фаворизираната Норвешка во натпревар од 2. коло од главната фаза на Европското првенство, откако актуелниот бранител на титулата имаше повеќе среќа во финишот и дојде до победа од 26:23. Норвешка со новата победа обезбеди пласман во полуфиналето на ЕП.
Ракометарките на Драган Аџиќ имаа одличен старт, во кој успеаја да бидат подоминантни против актуелниот европски првак, кој во грч влезе во дуелот и не можеше како на претходните натпревари лесно да стигнува до погодоци.
По нерешените 2:2 во воведните пет минути, словенечкиот состав со два гола во низа се одлепи на 4:2, потоа имаше и 6:3, а во 10 минута, селекторот на Норвешка, Торир Хергеирсон мораше да побара тајм-аут, со цел неговите избранички да фатат приклучок и да не дозволат Словенија да замине на поголема резултатска предност.
Советите од клупата вродија со плод, па така Мерк и колешките со серија од 3:0 израмнија на 6:6. Норвешка заигра поцврсто во одбраната и во 20 минута со голот на Офтедал за момент го презеде водството, поведе со 9:8. До крајот на првото полувреме се играше гол за гол, двете репрезентации наизменично се менуваа во водство и на пауза резултатот гласеше 16:15 за скандинавската селекција.
Првиот гол во второто полувреме беше постигнат од Лепоја за 16:16 (34 минута), а две минути подоцна, искусната Мавсар од пенал погоди за 17:16. Норвежаните по осум минути игра во вториот дел го постигнаа првиот гол за 17:17. Сепак, европскиот првак од почетокот на вторите 30 минути, па сѐ до 45 минута постигна само два гола и никако не можеше да ја совлада расположената Маја Војновиќ, која бранеше одлично меѓу стативите, имаше шест интервенции за петнаесетина минути во второто полувреме.
Словенија при водство од 19:18, во неколку наврати не успеа да реализира за плус два гола разлика и резултатот на речиси дванаестина минути пред крајот беше нерешен, 19:19. Во последните десет минути, во кои Словенија влезе со минимално водство од 21:21, минаа во егал. Откако резултатот беше 23:23, со своето големо искуство норвежанките се одлепија на 25:23 во 58 минута и тука беше јасно дека ракометарките на Аџиќ ќе имаат тешка задача да дојдат до сензација.
Најефикасна во репрезентацијата на Словенија беше Ана Грос со пет погодоци, додека кај Норвешка листата на стрелци беше предводена од Хени Рејстад со десет гола.