Фленсбург го среди Кил, ја презема лидерската позиција во Бундес лигата

Ракометарите на Фленсбург на свој терен беа подобри од Кил со 31:28 во дерби натпреварот во Бундеслигата. Со победата над Кил, Фленсбург направи промена на табелата и се искачи на првата позиција како моментален лидер.

Ракометарите на Фленсбург имаа почетно водство од 3:1. Кил го заборави лошиот старт и започна да игра добро и во напад и одбрана, нивната добра игра вроди со плод и поведоа со 3:6 преку расположените Екберг и Сагосен. До 20.минута се играше рамноправно, а во последните минути од првиот дел, Фленсбург беше подобра екипа и на полувреме замина со предност од 17:15.

Домашната екипа во текот на второто полувреме го контролираше резултатот. На моменти, Кил намали на еден гол разлика преку Сагосен, 26:25, но расположените ракометари на Фленсбург не дозволија целосно враќање на противникот.

Во дресот на Фленсбург одлична партија имаше репрезентативецот на Шведска, Хампус Ване со 10 гола. Во составот на Кил, Сандер Сагосен беше стрелец на девет гола.