Кузмановски: Тешко е да се игра во време на корона

Македонија имаше лош старт на 27.Светско првенство во Египет на кое стигна по спореден пат, како прва резерва по откажувањето на Чешка поради заразата со Ковид – 19.

Скратените подготовки во периодот на исчекување, се покажаа недоволни за македонската репрезентација во новиот изменет формат да стартува во полна сила на Мундијалот. Тоа резултираше со убедлив пораз од Шведска (32-20) во првиот меч од групата Г.

Филип Кузмановски како еден од предводниците на новата генерација, по натпреварот со Шведска, истакна дека е тешко да се игра на СП во вакви вонредни услови.

„Организацијата и хотелот се извонредни, немам никакви забелешки и од тој аспект уживам во мојот прв престој овде во Египет. Тешко е да се игра во вакви услови со Ковид-19, но да се надеваме дека работите ќе одат на подобро и дека гледачите ќе се вратат во салите“, изјави Кузмановски.

Ракометарите денеска ќе имаат можност да се консолидираат по вчерашниот меч и што подобро да се подготват за утрешниот дуел против домаќинот Египет (18 часот).