Федерацијата им наложи да се вакцинираат, а тие одбиваат

Oдлуката на Хрватскиот ракометен сојуз да се прекине домашното првенство во сите категории до 26 мај предизвика бурни реакции од страна на женските клубови во Хрватска.

Прв реагираше спортскиот директор на клубот Кока, Дамир Премужиќ. Тој во разговор со ракометарките заклучил дека ниту една од нив не сака да се вакцинира. ХРС испрати одлука до сите клубови дека мора играчите и целиот персонал на клубот да бидат вакцинирани до 26 мај. Премужиќ смета дека одлуката за вакцинирање на играчите е избрзано донесена, како и одлуката за прекин на првенството.

„Што се однесува до вакцинирањето, исто е донесена една избрзана одлука. Не можете никој да го присилите да се вакцинира, а сите ние во клубовите имаме и малолетни играчи. Главно, националниот кризен штаб усвои мерки според кои можеме да играме, но со какво покритие е поставен управниот одбор на ХРС над националниот штаб?… Имавме состанок со сите играчи, главно со оние кои се полнолетни бидејќи за малолетните одлучуваат нивните родители, а повеќе од 50% од полнолетните не сакаат да се вакцинираат, тоа е нивно право. Сите прашаа и за која вакцина станува збор, на тоа прашање немавме одговор, но го добивме нивниот одговор дека ако се работи за Астра Зенека не сака да се вакцинира ниту една од нив”, изјави Премужиќ за „Спортске Новости“.

Челниците на ХРС најавија продолжување на натпреварите од домашниот шампионат после 26 мај. Доколку ситуацијата со корона пандемијата биде под контрола, сите натпревари би требало да бидат завршени до 27 јуни.