Толедо нема да има „друштво“ од Вардар и Металург

Бразилскиот десен бек, Жозе Толедо, кој мина една сезона во европскиот шампион Вардар, во следните три сезони би требало да биде играч на романската екипа Баја Маре.

Таму минатата сезона играа двајца поранешни ракометари на Металург – пикерот Тео Чориќ и десниот бек Војислав Брајовиќ, како и екс членот на Вардар – средниот бек Јања Војводиќ. Но ниту еден од нив тројца нема да продолжи во Баја Маре.

Друштво на Толедо на десната бековска позиција би требало да му прави Србинот Никола Скробиќ. Доаѓа и младинскиот романски репрезентативен голман Барна Бузогањ, кој лани играше во унгарскиот Ѓенѓеш.

Баја Маре би требало да купи уште двајца репрезентативци на Романија – левиот бек Јонут Рамба од ЧСМ Букурешт, како и пикерот на Дунареа Калараши – Габриел Думитриу.

Новиот клуб на Толедо ќе игра во Лигата на Европа претстојната сезона.