„Талески блесна во сиот сјај, покажа дека знае да игра на врвно ниво“

Машката репрезентација на Македонија оствари висок триумф над Романија со 30-22 во првиот меч од првиот бараж за Светското првенство.

Најдобар на теренот беше Филип Талески со десет погодоци, а Филип Миркуловски не ги штедеше комплименти на адреса на левиот бек.

„Филип Талески покажа дека знае да одигра на едно врвно ниво, не само поради головите што ги даде, туку и поради одбраната. Ние како стручен штаб и како соиграчи сакаме да му дадеме целосна слобода, пресреќни сме што блесна во сиот свој сјај. Искрено беше убаво да се слушне како цела сала вика „Талески, Талески“ и верувам дека тој заслужува поддршка и кога не му оди најдобро. Како што реков, тој има потенцијал да биде голем играч за нашата репрезентација“, изјави Миркуловски.

Реванш средбата меѓу Романија и Македонија ќе се игра на 19 март во Букурешт со почеток во 17:00 часот.