Суспендиран селектор комуницираше преку телефон со стручниот штаб за време на меч, ИХФ го казни!

Проблемите за португалскиот селектор Пауло Переира продолжуваат на Светското првенство. Тој поради казната од олимписките квалификации не смееше да ја води својата репрезентација од клупата на првите два натпревари со Исланд и со Јужна Кореја, но ИХФ реши да го казни уште еден натпревар и со нова парична казна.

Новите проблеми настанаа по дуелот од 1.коло на Светското првенство. За време на натпреварот со Исланд, Переира беше забележан со телефон и слушалки, а на португалската клупа со слушалки во текот на целиот натпревар беше и неговиот помошник Пауло Фидалго. По дуелот на прес конференцијата тој имаше објаснување дека поради неодамнешните проблеми со слухот, мора да носи слушалки за да го заштитат од вревата од трибините.

Според португалскиот „О Jogo“, организаторите не му дозволиле на Переира на дуелот од 2.коло да биде на трибините. Претставниците на ИХФ постапката од првото коло ја оцениле како прекршување на дисквалификацијата. Помошниот на Португалија на вториот дуел бил без слушалки и покрај проблемите со слухот.

Не можам да контактирам за време на натпреварот со ниту еден од помошниците сместени на клупата. Не разговарав со Фидалго. Бев во контакт со нашиот видео асистент. Го замолив да подготви неколку видеа за полувремето, го свртев вниманието на конкретни играчки ситуации каде што имавме проблеми – се правдаше Переира по првиот натпревар.

Со новата суспензија Переира е казнет во целата прва фаза, а ќе може да ја предводи репрезентацијата дури во главната фаза.