СТРУГА 2020: Стојановиќ – Секој старт со победа е одличен, но уште сме далеку од посакуваната форма

После победата од 25:24 на стартот на Струшкио турнир во таборот на Охрид владее задоволство особено поради тоа што ова им е првиот натпревар после пет месеци пауза. Воедно во досегашниот дел од подготовките акцентот беше ставен на подготвувањето на тимот на кондициски план.

Против Бутел Скопје, кој е добро познат ривал се играше 60 минути израмнето, а тоа го потврди и тренерот на огриѓани.

„Одигравме израмнет натпревар во кој секој можеше да победи секого. Одигравме коректен натпревар. Мислам дека после пет месеци неиграње се чувствуваше на теренот. Долгата пауза си остави трага и одигравме во мал грч, но имаме доволно време за да можеме да дојдеме до посакуваната форма“, изјави после првиот натпревар на турнирот и првата победа, тренерот на Охрид, Раде Стојановиќ.

Тој е задоволен од фактот што тргнаа со победа, но на терен се виде дека се далеку од играта која ја планира бидејќи допрва ќе се работи на тактичко-технички план.

„Задоволен сум бидејќи почнавме со победа. Секој старт со триумф е добредојден, но имаме многу работа. Ни претстои период во кој ќе работиме. Не сме тактички подготвени бидејќи уште немаме ништо работени. Ние дојдовме на турнирот за да уживаме. Сакам да им честитам на организаторот и на РФМ за одлично организираниот турнир. Во оваа фаза ни беше потребен ваков турнир“.

Утре тимот на Охрид го очекува двобој со Вардар. Ова ќе биде можност за далеку поинаков натпревар од оној денеска.

„Сите сакаат да играат против тимот кој има две титули во Лигата на шампионите и тим кој е актуелен првак на Европа. Затоа сите ќе добијат шанса на овој натпревар за да уживаат и да покажат колку можат против Вардар“, изјави Стојановиќ.

Средбата утревечер почнува од 21:15 часот.