СТРУГА 2020: Охрид даде отпор, но Вардар покажа искуство доволно за победа

Сосема очекувано ракометарите на Вардар го отворија настапот на Струшкиот турнир со победа против тимот на Охрид од 27:22. Пред средбата вардарци важеа за фаворити и тоа го оправдаа иако на овој дуел беше јасно дека не се оди со 100 проценти од силите.

Натпреварот почна со две контри на Дибиров, а Охрид своето прво водство го имаше при 4:3. Сепак, после ова вардарци одново ја презедоа контролата на резултатот. Влегоа во продолжението од натпреварот со постојана предност од гол до два не дозволувајќи да има одново предност на противникот.

Охриѓани дадоа достоен отпор во првиот дел и издржаа практично до заминувањето на одмор кога водството на Вардар беше 13:12. Имаше добри моменти и на двете страни, но можност за двата тренери да видат каде недостига нешто и каде ќе треба да се работи дополнително.

Почетокот на вториот дел веднаш донесе плус пет за Вардар. Со четири гола во серија се дојде до 17:12 и тука веќе беше направена предноста која требаше само да се чува во продолжение.

Се играше мирно без посебно форсирање што отвори простор за во продолжението да може средбата без поголеми проблеми да се приведе кон крај.

Предноста од пет гола се одржуваше постојано и водството беше четири или пет гола така што немаше поголеми проблеми за да се сочува водството. Охриѓани се обидоа да одиграа максимално ангажирано до крај, но вардарци покажаа дека имаат искуство и во овој состав и кога не играат 100 проценти знаат да го исконтролираат резултатот.

ВАРДАР – ОХРИД            27:22 (13:12)

Отворено игралиште: „Горан Попоски Бабец“ во Струга. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски од Скопје. Делегат: Славчо Каланоски од Струга.

ВАРДАР: Ристовски, Кантагрел, Валчак 1, Јагуриновски, Стоилов 1, Гашовски, Димитриоски 2, Георгиевски 3, Карапалевски, Дисингер, Јотиќ 3, Калараш 1, Гаџа 1, Чупиќ 2, Талевски 3, Дибиров 7, Вујин 2, Векиќ 1.

Седмерци: 2/4, Исклучувања: 10 мин.

ОХРИД: Даниловски, Брауновиќ, Тутеновски, Андоновски, Кривокапиќ 1, Блажески 4, Костов, Чагаљ 1, Ми. Иваноски, Соколов 1, Тасески 4, Манасков 4, Ма. Ивановски 2, Ристески, Димитриески, Нацев 1 , Тот 4.

Седмерци: 3/3 , Исклучувања: 8 мин.