Струга убедливо го победи Радовиш во битката за опстанок

Екипата на Струга со триумфот над Радовиш од 31:21 ја запиша втората победа во плеј-аут фазата во Суперлигата и со новата победа дојде до 9 бода на свое конто. Стружани избегаа од опасната зона за испаѓање и веќе сега фаќаат залет за подобар пласман.

Почетокот на дуелот беше изедначен и гостинот парираше само до 2:2. Домаќинот направи одлична серија од 5:0, се одлепи на 7:2 и имаше апсолутна контрола на резултатот. Во редовите на Радовиш немаше лидер и најчесто погодоците беа постигнати на индивидуално ниво. Третиот гол гостинот го постигна дури во 15 минута за намалување на 7:3, по што избраниците на Танески постигнаа два гола во низа и во 20 минута ги имаа  највисоките дотогаш ,,плус шест” 9:3.

Струга од сите позиции доаѓаше до погодок, разиграни беа Бугариновиќ, Маркоски, Цветаноски, Лазаревиќ…следуваа неколку мини серии на домаќините, кои во 25 минута дојдоа до двоцифрена разлика и водство од 15:5. Гостинот поради кратката клупа, допатува со само 11 ракометари, немаше многу сили да извлече нешто повеќе од овој дуел. Домашниот табор не попушти и на пауза замина со убедливо водство од 18:8.

Во продолжението не дојде до никаква промена на теренот. Ракометарите на Струга ја одржуваа разликата од десет гола, гостинот на моменти доаѓаше до осум негатива, но сепак, големиот број технички грешки, промашени удари, слабата одбрамбена зона, си го направија своето и домаќинот во 45 минута ја имаше максималната предност од полувремето, односно водеше со 25:15.

Финишот од дуелот наликуваше на формалност и полесен тренинг за тимот на Струга. Радовиш по капитулацијата во првото полувреме, беше свесен за исходот од денешното гостување, во завршниот дел се обидуваше да ја преполови негативата, но високиот пораз беше неизбежен.

Најефикасни во победничката екипа беа Петар Маркоски и Петар Бугариновиќ со по седум погодоци, четири реализации имаше Никола Цветаноски. Кај Радовиш прв стрелец беше Иванче Ончев со седум погодоци.