Стојановиќ: Не заостануваме многу зад Германија и Исланд, но треба уште работа

Mашката кадетска репрезентација го заврши настапот на силниот турнир „Шпаркасен Куп“ во германскиот град Мерциг на четвртото место.

Во групната фаза избраниците на Раде Стојановиќ славеа над Холандија и Австрија, а загубија од Германија. Во полуфиналето играа егал за Исланд, но попуштија во финишот, а потоа загубија тесно од последниот светски првак во оваа категорија, Египет.

Селекторот Стојановиќ вели дека овој настап ќе биде големо искуство за неговите ракометари.

„За нас едно големо искуство,за прв пат на ваков турнир,можам да кажам мини Европско првенство – Германија која беше трета на последното ЕП, Исланд беше на 10 место на ЕП и Египет кој е светски првак. Иако не бевме комплетни, покажавме добри игри бевме на егал и ви полуфиналето и за борба за трето место. Имавме многу згуснат распоред, ден пред полуфиналето бевме цел ден во сала таков беше распоредот се играше 2×25 без тајм-аути. Не само што бевме во егал, туку и водевме и против Исланд и Египет на десетина минути пред крај, но тоа е за подетална анализа. Добивме пофални зборови од сите на турнирот, пријатно биле изненадени од нашата игра. Добивме покана и за наредната година, од други екипи покани за наредниот период да учествуваме на други турнири“, вели Стојановиќ.

Тој вели дека не заостануваме многу зад силните Германија и Исланд, но мора уште повеќе да се работи.

„Позитивно е тоа што, Субашевски и Белистојаноски имаа одличен турнир тоа е голем плус за нас, Калајџиески исто така беше носител на нашиот напад, видовме до кај се останатите играчи и на што треба да работиме за да бидеме подобри. Не заостануваме многу зад Германија и Исланд, но само со работа,професионалост, дисциплина и посветеност во период што следува може да се надеваме на победи против овие репрезентации“, проодолжи Стојановиќ.

Во август 2023 година, кадетите ги очекува настап на Светското првенство во Хрватска, а дотогоаш ќе има уште многу натпревари.

„Секако дека ќе има уште собири и пријателски натпревари пред СП во Хрватска. Од РФМ ни се овозможени сите услови, ќе следуваат ЕХФ недели во наредната година, тука ке повикаме и други ракометари кои се на тој поширок список“, заврши Стојановиќ.