Стефановски се потсети на Eгипет 99: На терен ги имав двајцата најдобри Македонци на сите времиња во ист тим

Jас сум единствениот кој како селектор може да се пофали дека на терен во ист момент во една репрезентација ги имал двајцата најдобри ракометари кои Македонија ги имала Пепи Манасков и Кирил Лазаров. Едноставно таа генерација беше одлична и со овие услови кои сега ги имаме не знам каде би биле, навистина не знам до кои висини би успеале да стигнеме

Пред 22 години, Македонија играше на Светското првенство во Египет, кое тогаш беше 16-то по ред.

Ова беше деби настап за Македонија, а тие први средби секогаш остануваат запаметени вечно. Тој 2 јуни во 1999 година и победата од 28:21 над Саудиска Арабија се паметат, а селектор на Македонија на тој шампионат беше тогаш дебитантот во тренерските води, Стевче Стефановски.

Легендата на ракометот во Македонија и во Битола, се сеќава на тие денови кога Македонија се подготвуваше со една одлична генерација.

„Не можеме да ги споредуваме условите во кои ние се подготвувавме тогаш и во кои сега се подготвуваше оваа генерација. Тоа е разлика небо и земја. Во тоа време имаше и помалку репрезентации на шампионатот, а квалитетот беше поконцентриран. Нашата цела експедиција на тоа првенство броеше 20 лица, а сега патуваат само 20 ракометари. Има голема разлика во многу работи“, вели Стефановски за 24 Ракомет.

Некои работи од тој шампионат на кој играа 24 репрезентации уште се паметат и се во сеќавањата на сите учесници.

„Се паметат многу работи од тој шампионат кој останува запаметен по многу работи. Тоа беше импресивна глетка кога во сала имаше 35.000 гледачи. Дефинитивно импресивна бројка која влијае многу секако и на играта и на се. Имаше одлични репрезентации кои сега ги нема како што беше Куба. Тоа беше селекција која сериозно му пристапуваше на ракометот,а момците тренираа во Европа. Остана и тоа дека на тој шампионат и Германија се реши да даде државјанство на некој ракометар за да го облече дресот. Богдан Вента на 34 или 35 години тогаш стана германски репрезентативец. Имаше доста свои специфичности овој шампионат на кој ние имавме деби на Мундијалите“.

И тогаш исто како и сега ракометарите заминаа со чартер, но за разлика од сега тогаш тоа беше авионот на Владата на Република Македонија.

„До последен момент ние имавме на некој начин проблем со патувањето бидејќи се бараше најдобрата линија за да стигнеме во Египет. Сакав да одиме со чартер за да можеме побрзо да стигнеме и тогашната влада ни излезе в пресрет и ни овозможи со авионот на Владата да отпатуваме во Каиро. Кога стигнавме во Египет ни беше предочено дека не смееме да јадеме ниту овошје доколку не е измиено со флаширана вода. Има некој паразит на кој локалните жители се навикнати, но странците се соочуваат со проблеми. Такви проблеми имаа особено репрезенативците на Шпанија и на Германија“.

Инаку, салата во која играа тогаш собираше поголем број на гледачи отколку сега. Капацитетот беше околу 30.000 гледачи така што во ситуација кога трибините беа полни беше и навистина тешко да се игра.

„За нас тоа беше првпат да се најдеме на африканско тло. Постоеше и психолошка бариера, а имавме и притисок бидејќи имавме искусна репрезентација со одлични играчи и сакавме да одиграме колку можеме подобро. Јас тогаш бев дебитант како селектор на едно Светско првенство. Имам убави спомени од Каиро и од Египет особено од атмоферата. Тоа беа над 30.000 лица во затворен простор, но не беа обични гледачи туку навивачи кои правеа одлична атмосфера“.

Еден ракометар кој играше и пред 22 години и сега е во тимот, а се работи за Кирил Лазаров. Капитенот на Македонија тогаш дебитираше на големо натпреварување и оттогаш постојано е во составот на сите шампионати.

„Кире Лазаров го знам уште од дете и го селектирав за тој шампионат. Тогаш беше во мода да се дава државјанство, но јас инсистирав да дојде Лазаров. Го имавме Мандиќ во тимот, но Кире веќе беше подготвен да го наследи во сениорската репрезентација. Уште пред да бидам селектор инсистирав тој да дојде и во Пелистер. Тогаш имаше 19 години, но веќе се гледаше дека сите работи ги сфаќа професионално и сериозно им пристапува на обврските. Имаше максимално професионален однос. Тренираше вредно и живееше спортски и тоа уште трае и би сакал уште да потрае. Инаку, јас сум единствениот кој како селектор може да се пофали дека на терен во ист момент во една репрезентација ги имал двајцата најдобри ракометари кои Македонија ги имала Пепи Манасков и Кирил Лазаров. Едноставно таа генерација беше одлична и со овие услови кои сега ги имаме не знам каде би биле, навистина не знам до кои висини би успеале да стигнеме“.

Што се однесува до ова првенство, Стефановски верува во овие момци и убеден е дека ќе можат да го покажат најдоброто на теренот.

„Доколку веруваат дека можат да направат големи работи тогаш мислам и дека можат да ги направат. Имаме квалитет, а единствениот хендикеп можеби е неодењето на Маџовски. Мислам дека само тој недостига во она што Брестовац го имаше замиследно. Имаме младост за жар и за борбеност, желба за глад и трофеи. Имаме и искуство да ја потсмири младоста, па на стручниот штаб е сето ова да го избалансира“.

Првиот ривал Шведска секогаш играла одлично првенствата, но на овој шампионат има големи промени во екипата.

„Селекцијата на Шведска на ова првенство е без деветмина. Тоа е огромен хендикеп. Не велам дека ова е Б тим на Шведска, но е далеку од најсилната екипа која оваа селекција може да ја има. Египет не може добро да се процени од натпреварот против Чиле бидејќи не можеше да се извлече максимумот на терен. Од она што го видов на првата средба покриеноста на секоја позиција на Египет е одлична. Парондо добро и стручно ја води репрезенцијата. Одликата на азиско-африканските селекции секогаш е недисциплината, а неа ја имаше во многу мала мера. Очигледно Парондо одлично ја има изработено својата задача. Нападите беа извежбани, истренирани, во одбрната постојано секој знаеше каде му е местото. Имаат што да покажат на теренот. Не би зборувал предвреме, но Египет е поопасна селекција од Шведска. Чиле не би требало да биде проблем. Игравме против нив и видов дека не ни се дораснат противник. Првата фаза можеме  да ја минеме и сметам дека имаме шанси и за да пренесеме бодови“.

Има и една оптимистичка изјава од Стефановски, кој верува дека Македонија може да постигне добар резултат односно на овој шампионат да заврши дури и како првопласирана после првата рунда, па во втората да се бори и за четврт-финале.

„Рано е да зборуваме за втората фаза, но ова е специфично Светско првенство поради коронавирусот. Не знаеме каква ќебиде ситуцијата со ниту една селекција и кој состав на каков тим може да смета. Ние прво да стигнеме до втората фаза, а потоа ќе размислуваме. Јас ќе бидам оптимист и ќе речам дека мислам дека можеме да бидеме и на првото место во групта. Имаше влијание и тоа одиме не одиме, но она што го слушнав од играчите ми дава надеж бидејќи имаше сериозни подготовки. Секојдневните контроли, негативните тестови, максималните тренинзи беа со една мисла, а тоа е дека постојано се работеше како да знаевме од првиот дел дека одиме. Психолошкиот дел, сепак, ќе се види на терен. Со искусни играчи како Лазаров, Стоилов, Митревски… и уште неколку други кои имаат многу натпревари во своите нозе на вакви натпреварувања може да се направи многу, па и да се поведе младата гарда до втората фаза, а таму ќе биде можно сè. Имаме квалитет и доверба, но тоа треба да се покае и на теренот. Едно е да се тренира, а нешто сосема друго да се игра на Светско првенство“, заврши Стефановски во коментарите за 24 Ракомет.

Како ќе се одвиваат работите ќе биде познато веќе денеска откако ќе биде одигран првиот дуел така што сосема извесно е дека Македонија ќе има доста интересен турнир.