„Спортски е да се надеваме на победа против Рајн Некар“

Двократниот освојувач на титулата во Лигата на шампионите, Вардар, по едногодишна пауза, откако беше исклучен од ЕХФ, повторно ќе игра на европска сцена.

Вардарци ќе бидат дел од Лигата на Европа, но доколку посакуваат пласман во групната фаза ќе треба во единственото квалификациско коло да го елиминираат бундеслигашот Рајн Некар.

Легендата на Вардар, Стојанче Стоилов, кој реши да ја заврши својата кариера и во иднина ќе му биде асистент на Владо Недановски, даде свое видување за двобојот со германскиот тим.

„Со тимот на Рајн Некар имаме позитивен биланс, сепак, нивната и нашата екипа направија големи промени од тоа време кога игравме заедно, така што не знам колку тоа ќе биде многу важно. Лично, не се изненадив што ни се падна Рајн Некар како ривал, секогаш очекувам најтешкиот противник да ни се падне. Ние почнуваме што се вели од нула, Вардар има млада екипа. Прво треба да изградиме тимски дух, а замислете, да одиграме добро и да ги победиме. Не велам дека ќе победиме, но спортски е да се надеваш на победа и да се подготвуваш”, изјави долгогодишниот капитен на Вардар.

Вардар веќе започна со подготовките за новата сезона и во тимот на Владо Недановски моментално има шест нови играчи.