Слободен ден во Каиро, но возбудлив во Скопје

Првиот ден кој беше слободен во Каиро на Светското првенство помина мирно на шампионатот во средување на впечатоците кај селекциите кои утре ќе настапат, како и во подготовка за новите пресметки.

И додека во Каиро беше мирно ракометната јавност во Македонија ја дочека информација дека од денеска сениорската репрезентација е без селектор. Данило Брестовац и РФМ ја раскинаа соработката, па Македонија од денеска е без предводник така што ќе мора да се реагира брзо бидејќи за нешто повеќе од еден месец доаѓаат дуелите против селекцијата на Данска од квалификациите за Европското првенство во 2022 година.

Од РФМ имаше експресна реакција после освојувањето на 23. место. Одлука која можеби и можеше да се почувствува после случувањата за време на Светското првенство.

Брестовац беше на кормилото од април во 2019 година. Првиот натпревар го имаше во Рејкјавик кога со момците успеа да стигне до победа над Исланд од 34:33. Потоа четири дена подоцна во Скопје ремизираа со истиот противник со 24:24. Потоа во јуни беа забележани победи против Турција на гостување и против Грција дома. Македонија обезбеди место на Европското првенство на кое отпаднавме после првата рунда после само една победа над Украина и порази од Чешка и Австрија.

Македонија пред една година го освои 15. место, а потоа влезе во бараж против Франција за Мундијалот во Египет. Сепак, тие два натпревари не се одиграа, па Македонија се пласираше на Светското првенство како резерва.

Веќе е познато дека Македонија забележа една победа и пет убедливи порази на Светското првенство. Го совладавме Чиле, а загубивме од Шведска, Египет, Словенија, Русија и Белорусија. Овие резултати, не беа доволни за да може да се дојде до нешто повеќе.

Според она што беше одиграно под водство на Брестовац во квалификациите и на едно Европско и едно Светско првенство, тој ја водеше Македонија на 13 натпревари на кои имаше пет победи, едно реми и седум порази. Македонија постигна 328 гола, а прими 381 погодок.

Брестовац веќе не е селектор на Македонија!