Ракометарите на Скопје по двата порази во претходните две кола од Куманово, односно Голден Арт, денес на гостувањето во Радовиш кај истоимената екипа освоија важни бодови во борбата за зачувување на суперлигашкиот статус по триумфот од 29:24.
Домашната екипа парираше само во воведниот дел, кој мина во изедначена борба. По нерешените 2:2, избраниците на Горан Кузманоски влегоа во посакуваниот ритам, се одлепија на 4:2 и од тој момент имаа контрола на резултатот. Радовиш во неколку периоди се враќаше на минус еден гол разлика, но целосно потфрли во последните десет минути од првото полувреме.
Тимот на Скопје со разновидна игра во нападот и одличната одбрана им даде до знаење на домаќините дека ќе имаат тежок предизвик за освојување на бодовите. Гостинот во 15 минута дојде до највисоките три гола предност, поведе со 10:7, потоа со неколку мини серии успеа разликата да ја зголеми на четири до пет гола разлика и на пауза замина со предност од 14:9.
Продолжението на натпреварот започна со голот на Мишевски, кој на својот тим му ги донесе максималните ,,плус шест” во тој период, 15:9. Следуваше период, во кој двете екипи постигнаа по неколку брзи гола, гостите го диктираа темпото и резултатот по седум минути игра во вториот дел беше 19:13 за тимот на Кузманоски.
Во последниот период од дуелот тим на Радовиш анулира дел од негативата намалувајќи на 21:18. На десет минути пред крајот беше 23:20 за тимот на Скопје и откако домаќините не реализираа во три напади, гостите со серија од 3:0 повторно се вратија на шест гола разлика, 26:20, и ги собраа бодовите од денешниот дел.
Предводник во победничката екипа беше Марио Мишевски со девет погодоци, пет реализации имаше Бојан Чакалиќ. Кај Радовиш се истакна Александар Марков со девет погодоци.