„Си ветивме дека никогаш нема да заиграме за Мешков Брест, ама…“

Средниот бек Дмитри Никуленков за белорускиот сајт by.tribuna.com раскажа детали од периодот додека настапуваше во екипата Динамо Минск, а главен ривал им беше Мешков Брест.

Во перидот кога било јасно дека тимот од Минск е пред распад, Никуленков и уште неколку други ракометари се договориле дека нема да преминат во Мешков Брест, но на крајот не излегло баш така.

„Имавме одличен тим, млад, борбен, ја освоивме домашната титула и добро се претставувавме во Европа. Сигурно ќе имавме и поголеми успеси но Бебешко го напушти тренерското место, а потоа екипата се распадна. Ќе кажам една тајна, кога пет месеци немавме земено плата и беше јасно дека екипата се распаѓа се собравме јас, Рутенка, Шилович, Бабичев, Атман, Онуфриенко и си рековме едни на други – Момци кој ќе оди во Брест е јарец! Многу бргу потоа сите бевме таму, тоа е иронијата на судбината. Се погледнавме сите и се смеевме, затоа никогаш не вели никогаш“, раскажа Никуленков.

Во тој период Динамо Минск имаше поквалитетна екипа од Мешков Брест и постојано беше пред нив, но потоа се сменија работите и сега Мешков е доминантен во Белорусија.