Симовски: Ќе беше убаво да игравме пред полни трибини, девојките заслужија поддршка

Женската сениорска репрезентација на Македонија полека фаќа ритам пред дуелите со Романија од баражот за пласман на Светското првенство, а девојките тренираат пред заминувањето за Букурешт.

Според планот за Романија се оди в петок попладне, а ракометарките ќе имаат еден тренинг в сабота наутро пред средбата во Букурешт.

Одлично е познато дека за ривал се има квалитетна репрезентација која во своите редови има ракометарки кои се одлично познати.

„Станува збор за исклучително квалитетна репрезентација, која во своите редови има искусен состав. Во тимот се наоѓаат неколку ракометарки кои играат во клубови што се натпреваруваат во Лигата на шампионите. Јасно е дека се соочуваме со противник кој е доста силен, но наше е да се обидеме да го покажеме најдоброто“, вели селекторот Симовски.

Во оваа ситуација немаше можност да се игра пред публика и играњето пред празни трибини ќе биде хендикеп бидејќи девојките уште еднаш ќе останат без поддршка.

„Секако дека ќе беше далеку поубаво и подобро доколку на трибините имаше публика. Сметам дека овие девојки го заслужија тоа и дека е време да добијат поддршка како што ја добива машката селекција. Со игрите ја оправдаа довербата и сигурно ќе беше многу поубаво и помоќно доколку на реваншот игравме пред полни трибини“, смета Симовски.

И двете средби е играат со почеток во ист термин од 17 часот, а првиот натпревар е в сабота во Букурешт. Реваншот се игра следната среда во Скопје во СЦ „Јане Сандански“.