„СЕХА турнир“ ќе се игра во Турција – ама без Вардар и Еурофарм Пелистер?!

Според пишувањата на „Спортске Новости“, на почетокот на септември најавен е „пријателски турнир“ во Турција, но со учество на екипи од регионалната СЕХА лига.  Со оглед на тоа што нема да има завршен турнир во дивизијата „Југ“ од СЕХА, каде што место обезбедија Вардар и Еурофарм Пелистер, овој турнир веројатно треба да биде налик на тоа.

Покани од „источното раковоство“ на СЕХА, добија хрватскиот Загреб, актуелниот „јужен“ шампион на СЕХА – екипата на Веспрем, потоа Мешков Брест, кој го освои трофејот во „источниот“ регион минатата сезона, како и екипата на Војводина од Нови Сад, која освои трофеј во Европскиот Куп минатата сезона.

Останува нејасно е дали Загреб и Веспрем, клубови од држави членки на ЕУ – Хрватска и Унгарија, ќе прифатат да учествуваат на турнир во кој ќе игра екипа од Белорусија, но во следните денови веројатно ќе има повеќе детали за овој најавен настан.

Поради санкциите кон рускиот и белорускиот ракомет, тамошните клубови не играат во Европските купови, а поради европските санкции кон спонзорот на лигата – Гаспром и руските банки, како и неможноста да се префрлаат паричните средства на Балканот, СЕХА се игра само во Русија и Белорусија.

Прашање е дали ова натпреварување во кое играа(т) екипи како Вардар, Еурофарм Пелистер, Веспрем, Загреб, Нексе, Татран Прешов…а своевремено играа и Целје, Горење…воопшто ќе продолжи да се игра на овие простори, независно од специјалната воена операција и до кога таа ќе трае.

Вардар со две победи на Војводина во четвртфиналето минатата сезона обезбеди Ф4, додека Еурофарм Пелистер исто така триумфираше два пати на Татран Прешов се пласира на завршен турнир, кој веројатно никогаш нема да се одигра.