Салиу солиден во дебито за Кастриоти, Станковски тргна со пораз

Тренерот од Македонија, Аце Станковски, со пораз стартуваше на клупата на Кастриоти Феризај откако во рамките од 15. коло од шампионатот на Косово, неговите избраници беа поразени од лидерот на табелата, Беса, со десет гола разлика, 38:28.

Во составот на Катриоти во солидно светло се покажа новото засилување од Македонија, односно од екипата на Јехона, Адис Салиу, кој беше меѓу најефикасните во својата екипа со три погодоци.

И покрај поразот, составот на Кастриоти теоретски останува во игра за пласман во плеј-оф фазата. Тимот на Аце Станковски се наоѓа на петтото место на табелата со 14 бодови, додека директниот ривал за плеј-офот, Раховец, има четири бода повеќе (18) и натпревар помалку.

Кастриоти во последните три кола од регуларниот дел ќе игра против екипите на Велазними, Лапи и Жегра. Во сите три дуели ќе треба да оствари победа и да се надева дека екипата на Раховец ќе доживее четири порази во низа.