Русија блиску до мундијалско четвртфинале, Романија забележа утешна победа

Репрезентацијата на Русија со победа од 31:25 против Црна Гора, ги зголеми шансите за пласман во четвртфиналето на Мундијалот во Шпанија. Русинките по киксот против Словенија во првиот натпревар од групната фаза, денес одиграа перфектна партија против Црна Гора.

Уште при резултат од 11:4 за Русија, јасно беше дека избраничките на Бојана Поповиќ ќе имаат тешка задача на овој натпревар. Играта на Русија делуваше беспрекорно и од минута во минута полека растеше нејзината предност. Русинките погодуваа од секоја позиција и многу добро ја искористуваа ситуацијата со играч повеќе при секое исклучување кај црногорскиот табор. Русија на полувреме замина со висока предност од 18:10.

Црногорките во второто полувреме покажаа подобра игра, но разликата направена во првите 30 минути беше недостижна во вториот дел. Ракометарките на Људмила Бодниева рутински одржуваа предност од осум до девет гола разлика, а на крајот поради малата опуштеност, Црна Гора го ублажи поразот на минус шест.

Поранешната ракометарка на Вардар, Олга Фомина, задно со нејзината колешка, Антонина Скоробогатченко беа најефикасни во руската репрезентација со по шест погодоци. Кај Црна Гора како најефикасни се истакнаа Јованка Радичевиќ и Татјана Брновиќ со по седум погодоци.

Романија забележа убедлива победа против Порторико со резултат 43:20 во натпревар од втората група во главната фаза. За Романките ова беше прв триумф во главната фаза и со освоените два бода се позиционираа на 4. позиција на табелата.