Ристовски: Сакаме да ја затвориме оваа сезона со дупла круна!

Екипата на Металург нема да има можност да ја брани титулата во Купот на Македонија освоена пред две години откако денеска во првото полуфинале загуби од Вардар со 22:27.

Голманот Борко Ристовски беше еден од позабележителните поединци во составот на Вардар, кој вели дека не е важен бројот на одбрани, туку моменти кога ќе се одбранат.

„Бројот на интервенции не е важен, туку се важни моментите кога ќе одбраните. Дали јас ќе имам 15-20 одбрани или колегата, апсолутно не е важно. Мене ми е драго што успеавме на релативно лесен начин да го одиграме овој дуел, освен финишот на првиот дел. Натпреварот го контролиравме цело време и ова е убава подготовка за финалето кое не чека со потежок ривал“, вели Ристовски.

Голманот на Вардар истакна дека посакува двојна круна оваа сезона.

„Целава сезона беше турбулентна, која сакаме да ја завршиме со дупла круна. Веќе в сабота ни е првиот испит, а следната недела ни е реваншот со Еурофарм Пелистер. Вардар ќе оди на две победи, сакаме да завршиме со дупла круна, па ќе се спремаме за следната сезона и ќе видиме кој, каде и зошто“, заврши Ристовски.

Ривал на Вардар во финалето ќе биде победникот од дуелот меѓу Бутел скопје и Еурофарм Пелистер.