Пукна тиквата во Веспрем – Ненадиќ не тренира со тимот, следи трансфер во Динамо Букурешт?!

Според пишувањата на „Handball Mania“, еден од носителите на играта на Веспрем, српскиот ракометар Петар Ненадиќ веќе не тренира со остатокот на тимот на Момир Илиќ.

Левиот бек, кој во минатата сезона постигна 93 погодоци во Лигата на шампионите, а во досегашниот тек од елитното натпреварување стигна до бројката 63, нема да го продолжи својот престој во Веспрем и на лето треба да замине од клубот.

Но како што се одвиваат работите во моментов, заминувањето од унгарскиот гигант може да се случи порано од предвиденото, а која е причината за тоа не е познато, но очигледно е незадоволство и во клубот и во јавноста по серијата лоши резултати во ЛШ.

Според „RTHandball“, српскиот интернационалец се наоѓа пред трансфер во романскиот шампион Динамо Букурешт, но дали тој ќе се реализира во следните денови или на лето останува да видиме.

Ненадиќ нема да биде во ростерот на Веспрем за пресметката против Порто од Лигата на шампионите што е на програмата вечерва од 18:45 часот.