ПРЕСИНГ: Примивме 16 гола од 9 метри од четири бекови на Белорусија

Во одбраната делувавме солидно. Бевме компактни, агресивни, доста подвижни, со што не „пукавме“ и немаше толку вишоци за крилата на Белорусија. Главен проблем ни беше тоа што не правевме прекршоци на 9 метри, туку се обидувавме преку блок да ги сопреме бековите на Белорусија.

Македонската репрезентација со пораз од Белорусија го заврши СП, со натпревар без резултатско значење за двете екипи, и единствено за да се избегне последното место во групата. Во изедначено прво полувреме Македонија го диктираше текот на мечот и можеме да кажеме дека го одигра едно од подобрите полувремиња на овој шампионат. Потоа направивме неколку грешки кои ги искористија Белорусите и преку неколку контри се одлепија и го одржаа до крај своето водство.

Во овој натпревар нападот беше подобриот сегмент од нашата игра, особено во првиот дел. Лазаров вистински лидер на теренот, крајно мотивиран го водеше нашиот тим во напад. Главно игравме со втор пивот од крило и со тоа преку игра „2 на 2“ со еден од пивотите создававме шанси за гол, исклучувања на противникот. Кузмановски, заедно со Пешевски и Стоилов, покрај Лазаров се истакнаа највеќе на овој натпревар.

Во недостаток на бекови во ротацијата, изостана поддршката од Талевски, врз кого имаше голем притисок на овој шампионата со кој очигледно не можеше да се носи. Играта преку пивот функционираше добро особено во вториот дел каде голем дел од нападите одеа токму преку пивот. Играта „7 на 6“ која ја игравме во последните петнаесетина минути функционираше добро, создававме шанси, дел од нив искористивме, за жал и промашивме од чисти позиции, па така белорусите не казнија преку брзи голови.

Во одбраната делувавме солидно. Бевме компактни, агресивни, доста подвижни, со што не „пукавме“ и немаше толку вишоци за крилата на Белорусија. Главен проблем ни беше тоа што не правевме прекршоци на 9 метри, туку се обидувавме преку блок да ги сопреме бековите на Белорусија.

За жал во тоа не успеавме, па така примивме дури 16 голови од 9 метри од четирите бекови на Белорусија. На почетокот имавме проблем со транзицијата на Белорусите, кога немаше да успееме да се замени во фаза на одбрана, па така остануваше Поповски како халф, Стоилов како тројка и бевме доста ниски за високите бекови на Белорусија. Проблем со враќање имавме и во играта „7 на 6“, кога примивме неколку гола без поставен голман а неколку и промашија Белорусите.

Лазаров повторно беше избран за играч на натпреварот и помладите играчи треба да се замислат како дозволуваат нашиот најстар играч втор пат на овој шампионат да го понесе тоа признание.