По драмата во Кавадарци, Еурофарм Пелистер со цел плен против Тиквеш

Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер се враќа со цел плен од гостувањето во Кавадарци кај Тиквеш. По шеесет одиграни минути во салата „Јасмин“, гостите забележаа победа од 22-21 (11-10). Домашните ракометари беа мотивирани и имаа активен резултат во текот на целото прво полувреме, како и во второто, но немаа сили да го вратат водството во финишот на дуелот. Иако на неколкупати го израмнуваа резултатот сепак публиката не можеше комлетно да се израдува на изненадување над поквалитетниот противник.

Тиквеш одлично го започна натпреварот, па по воведниот гол на репрезентативното крило Костески со низа од 3 гола ја презема иницијативата на терен. Во период со многу технички грешки и низок процент на реализација на нападите, домашните ракометари предноста ја одржуваа до 16 минута кога Хосни го израмни резултатот на 6-6. Еурофарм Пелистер го покажа својот квалитет во продолжение, кога добрата одбрана заедно со два прецизни погодоци од двајцата Данци во составот на „сино-белите“ им донесоа предност од „плус два“, за ново водството по воведните 0-1. Во самиот финиш на првиот дел Тиквеш успеа да намали еден гол од предноста на противникот, па на пауза се замина со резултат 10-11 во корист на гостите.

На самиот почеток на вториот дел, Тиквеш го израмни резултатот, по што следуваше одговор од Еурофарм Пелистер за враќање на највисоките „плус два“. Гостите разликата ја одржуваа точно до средина на вториот дел кога Темелковски го израмни резултатот на 15-15 за нов бран воодушевување на трибините. Неизвесноста и егал играта гол за гол траеше до 53. минута. Еурофарм Пелистер постојно беше во водство, а Тиквеш израмнуваше. Во самиот финиш на натпреварот Лесјак беше на висина на задачата, а по промашениот обид од пенал на Петровиќ, Цветан Кузмановски го одведе Еурофарм Пелистер на безбедна предност од два гола (18-20). На две минути пред крај Хосни ги донесе првите „плус три“ на натпреварот. Кога веќе беше познат победникот на овој дуел, Тиквеш се обиде со пресинг да дојде барем до еден бод, но Лејсак не дозволи никакво изненадување, а искусните Битолчани го одржуваа резултатот и чуваа водството до самиот финиш. Упоните домаќини успеаа да намалат два гола од предноста на противникот, но немаше време за повеќе. На крајот на семафорот беше запишан резултатот 21-22 во корист на Еурофарм Пелистер.

Хененберг ја предводеше листата на стрелци во победничката екипа со 7 голови, Хосни постигна 4. Кај домашните, Симиќ постигна 8 голови и беше најпрецизен на теренот.