ПОГЛЕД ОД ТРИБИНА: И Холанѓаните сакаат да бидат во македонската фан зона

Да се биде на некое СП или ЕП не значи само да се биде во сала, да се навива. Тоа е можност да се прошета, да се видат многу знаменитости, да се направат нови пријателства. И секогаш имајте повеќе навивачки реквизити зашто ривалските навивачи сакаат да размената некој реквизит. Горан Кипријановски – Кипре е еден од најредовните навивачи што ја следи репрезентацијата на Македонија на големите натпреварувања. Тој е во Краков и ни ја пренесува атмосферата од „лице место“

Недела, иако е ден за одмор, за ние што сме во Краков, не е. Поволните временски услови дозволија повеќе да го запознаеме градот со сите негови убавини. Истиот ден се одигруваше натпреварот со Холандија.

Ден претходно добив телефонски повик од една група млади Холанѓани кои дошле прво во Катовице да проследат некој ракометен натпревар од друга група на СП, како и дека планираат да дојдат во Краков да ја бодрат нивната репрезентација. Истата таа група на млади момци беа дојдени во Скопје за време на одигрување на натпреварите на нивната репрезентација на неодамна завршеното ЕП во ракомет за жени, каде што се и запознавме.

Убаво си поминале во Македонија, па решиле да дојдат и да бидат присутни на машкиот дуел помеѓу Македонија и Холандија. Сите едногласно кажуваат дека сме ја имале најдобрата публика и дека сето она што го правиме на трибините е прекрасно. Дури се обидуваа да ги пејат нашите навивачки песни. Ги поканив да дојдат во фан зоната на Македонија и да видат како се забавуваат нашите навивачи и фанови пред натпреварите. Со задоволство ја прифатија поканата и беа воодушевени од атмосферата во македонската фан зона.

Многумина од холандските навивачи во салата посакаа да имаат некој реквизит од Македонија, некоја капа, шал или дрес, па дел од нив си разменија со нашите навивачи за спомен од натпреварот, односно од СП. Тоа е убавината во навивањето и создавањето нови пријателства.

Пред почетокот на натпреварот имав можност да им подарам брошура за Македонија преведена на полски јазик, на двајцата водители на шоу програмата во Таурон Арената, како и брошури на дел од холандските и аргентинските навивачи.

Натпреварот се одигра во една одлична навивачка атмосфера, но играта на репрезентативците, крајниот резултат и поразот од Холандија не “олади”, а и уште не “боли”  бидејќи се надевавме на успех и победа, но ете се случи тој пораз.

За начинот на играта и односот кон истата, свое мислење ќе си дадат ракометните стручњаци, а наше е да дадеме максимална поддршка на ракометарите и стручниот штаб. И да има критика, нека има, но да нема навреди бидејќи сепак се тие наши играчи и ние за нив навиваме, и не само во победите, туку и во поразите треба да сме со нив. Таков е спортот, некогаш и непредвидлив, но има разни начини како тоа да функционира како треба.

Овој пораз сакавме побрзо да го заборавиме и веќе да размислуваме за третиот натпревар, очекувајќи победа, па во вторник ќе видиме каков ќе биде крајниот резултат. Секако дека ние максимално ќе дадеме поддршка, па дај боже да победиме и се израдуваме на квалификување во следната фаза на светското првенство.

Понеделник, слободен ден за Македонската ракометна репрезентација, а ние повторно да го искористиме времето со посета на некои знаменитости. Поголемиот дел од присутните во Краков одлучивме да го посетиме концентрациониот логор во Аушвиц, кој со години е на туристичката карта во Полска, место на терор и геноцид.

Како релаксација после посетата на Аушвиц, со дел од моите пријатели одлучивме да ги гледаме натпреварите Црна Гора-Чиле и Шпанија-Иран. Првиот натпревар беше поинтересен од вториот, а јас после натпреварот Црна Гора-Чиле добив една од топките со која се играше натпреварот, па така таа топка ќе биде поставена во мојот мал спортски музеј во Скопје.