Пеев и Николоски диригираа, Младост подобар од Бисинов

Тимот на Младост Богданци со победа над Бисинов од 32-22 го заврши регуларниот дел од сезоната во Првата лига.

Тренерот Митко Стоилов не можеше да смета на неколку важни играчи, но и оние што добија шанса ја оправдаа довербата.

Велешани добро парираа во првиот дел, на два пати водеа со по еден разлика, но по 7-6, следуваше серија на Младост и пресврт, па до паузата богданчани веќе имаа плус пет гола предност, 15-10.

Во второто полувреме имаше комплетна доминација на теренот на домаќините, кои во ниту еден момент не дозволија да биде загрозена нивната предност.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Пеев и Николоски со по шест голови, додека кај Бисинов се истакна Ристевски со седум погодоци.

Младост од следниот викенд ќе разигрува за место во Суперлига, додека Бисинов ќе игра во плеј-аут.